14.5.14

Дејвид Грејбер: Фрагменти на анархистичката антропологија

ДА ГИ РАЗНЕСЕМЕ ЅИДОВИТЕ
 
Предупредив дека анархистичката антропологија всушност не постои. Постојат само фрагменти. Во првиот дел од оваа расправа пробав да соберам некои од нив и да им побарам заеднички теми; во овој дел би сакал да посегнам подалеку и да замислам корпус на социолошка теорија, која можеби ќе постои некогаш во иднина.

ОЧИГЛЕДНИ ПРИГОВОРИ

Пред да го сторам тоа, морам да се зафатам со секојдневната забелешка кон секој таков проект: проучувањето постоечки анархистички општества за модерниот свет е ирелевантно. На крајот од краиштата, зарем не се работи за куп дивјаци?

На анархистите, кои имаат познавање од антропологијата, овие аргументи им се добро познати. Типична нивна размена би течела вака:

СКЕПТИК: Можеби целата анархистичка идеја би ја сфатил сериозно, кога би ме убедил дека би функционирала. Можеш ли да ми наведеш само еден пример на општесто кое немало влада и успешно делувало?
АНАРХИСТ: Секако. Неколку илјадници постоеле. На памет можам да набројам неколку: тоа се народите Бороро, Баининг, Онондага, Винту, Ема, Таленси, Везо...
СКЕПТИК: Но сѐ е тоа куп дивјаци!
АНАРХИСТ: Во ред. Имало разновидни успешни експерименти: работничко самоуправување - на пример Мондрагон; економски проекти основани на економија на дарување - на пример Линукс; политички организации од разни видови, основани на консензус и директна демократија...
СКЕПТИК: Да, да, но тие се неважни, изолирани примери. Зборувам за цели општества. АНАРХИСТ: Не е дека луѓето не пробале. Погледни ја парижанската комуна, револуцијата во републиканска Шпанија...
СКЕПТИК: Да, но погледни што се случило со нив! Сите биле убиени!

Не можете да победите, затоа што кога скептикот ќе каже „општество“, всушност мисли на „држава“ и тоа „национална држава“. Затоа што никој нема да наведе пример за анархистичка држава - тоа би било контрадикторно - нас всушност нѐ прашуваат за примери на модерни национални држави со влада, која била со сила отстранета: ситуација, во која (хипотетички) да речеме би паднала канадската влада или би се укинала од некоја причина, а на нејзино место не би дошла нова, туку наместо тоа сите Канаѓани би почнале да се организираат во слободоумни колективи. Очигледно е, дека тоа никако не може да се случи. Кога и да било пробано во минатото (добар пример се парижанската комуна и шпанската граѓанска војна), околните политичари ги уловиле и застрелале сите, кои пробале да остварат нешто слично.

Постои излез: треба да прифатиме дека анархистичката форма на организирање не би била ни малку слична на една држава. Би вклучувала бескрајно разновидни заедници, здруженија, проекти на секое можно ниво, кои се покриваат и вкрстуваат на сите начини што можеме да ги замислиме и најверојатно на многу што не можеме. Некои би биле локални, некои глобални. Можеби заедничко би им било само тоа што ниедна заедница не би вклучувала никој, кој би дошол со оружје и би наредил сите да замолкнат и направат како што им е речено. Бидејќи анархистите всушност не се обидуваат да преземат власт на ниту една национална територија, процесот заменување еден систем со друг не би бил ненадејна револуционарна катаклизма (нападот на Бастилја, окупацијата на Зимскиот дворец), туку неизбежно постепен (творењето алтернативни форми на организација во светски рамки, нови облици на комуникација, нови - помалку туѓи начини на организирање на животот), кој би фрлил лошо светло на постојните форми на моќ, правејќи ги да изгледаат глупави и неважни. Тоа би значело дека има безброј примери за остварлив анархизам: речиси секој облик на организација би важел за таков, сѐ додека не би бил наметнат од повисок авторитет.

Ваквата аргументација, за жал, не ги задоволува повеќето скептици. Тие сакаат „општества“. Затоа сме присилени да прегледуваме историски и етнографски записи за да најдеме ентитети што изгледаат како национални држави (еден народ со заеднички јазик на ограничена територија, со заеднички склоп на правни начела...), а немаат државен апарат (според Вебер: група луѓе кои тврдат дека само ним им е довозволено да делуваат насилно). Дури и такви би нашле кога би барале мали заедници далеку во просторот и времето, но тогаш би ви рекле дека баш поради тоа не вредат да бидат земени во предвид.

Значи пак се навраќаме кај оригиналниот проблем. Се претпоставува дека постои апсолутен прекин меѓу светот во кој живееме и светот каде живее сѐ она што може да се означи како „примитивно“, „племенско“, па дури и „селско“. Вината не е во антрополозите; напротив: веќе со децениии пробуваме да ѝ докажеме на јавноста дека такво нешто, како „примитивец“, не постои, дека „наједноставните општества“ всушност не се така едноставни, дека никој никогаш не постоел во безвременска изолација, дека е бесцелно означувањето одредени општествени системи како повеќе или помалку развиени. Сепак, сѐ уште не сме стигнале далеку. Речиси невозможно е еден просечен Американец да верува дека би можела група Амазонци да го научи нешто, освен, можеби, тоа да ја напушти модерната цивилизација и да се заживее во Амазонија. Тоа е последица на начинот на кој ја интерпретираме револуцијата.

No comments:

Post a Comment