17.1.14

Не сме „другари и другарки“ на ДСП Ленка!

Пред извесно време забележавме дека на официјалниот сајт на Движењето за социјална правда Ленка сме наведени како нивни „другари и другарки“, со линк до нашиот блог. За тој потег, се разбира, не бевме консултирани. Нема ни потреба да укажуваме на иронијата во тоа што блог кој заговара милитантен анархизам се наоѓа во иста низа на „другари и другарки“ заедно со корумпирани реформистички синдикати, државни платенички НВО фондации, леви партијашки организации и бројни марксистички и троцкистички портали. Основниот проблем е во тоа што екипата од Ленка, наведувајќи не` како свои пријатели, лаже и не` клевети, поради што е нужно да ја разобличиме нивната клевета, како и да објасниме од каде сметаме дека потекнува. 

Терминот клевета е исправно употребен. „Другарите и другарките“ од Ленка – бидејќи очигледно го следат нашиот блог – добро го знаат нашиот непријателски став спрема социјалдемократски организации, про-државни комунисти, пацифистички и реформистички групи и левицата генерално. За тоа сме пишувале во повеќе наврати: како за непремостливиот јаз меѓу Црн Блок и левицата во Македонија, така и за тоа зошто за анархистите е автодеструктивно (и непоимливо) воопшто да помислат за некакво „обединување со левицата“, за кое левичарите често мантраат. Таму експлицитно имаме објаснето дека меѓу Црн Блок и било која партија или екипа која аспирира да стане партија и од позиција на власт да го менува општеството, може да има само судир, но не и соработка. Во борбата против угнетувачите не можеме да се обединиме со идни угнетувачи; овој наш став произлегува од основните анархистички начела на отпор против секаква власт, а особено власта на државата и моќниците кои таа ги штити. Имено, ние сметаме дека рушењето на капитализмот не е можно без истовремено рушење на основниот репресивен механизам кој го одржува истиот во живот: државата и нејзините закони. Левичарите, за разлика од нас, се поклоненици на законот и на државата, која не само што не заговараат да ја уништат, туку и сакаат да ја преземат и владеат, бидејќи очигледно власта е „добра“ само кога е во нивни раце (за ова нудат бројни оправданија, од тоа дека државата е нужна и може да се „оправи“, до мантрањето на фамозниот „преоден период“ од капитализам во „слободно“ општество). 

Основните начела на анархизмот им се многу добро познати на „другарите и другарките“ од Ленка, како што им е познато и нашето експлицитно одбивање на било каква соработка или „другарство“ со левицата во Македонија, па следствено и со Ленка, како левичарска организација. Наведувајќи не` како пријатели, алудираат на нешто против кое експлицитно се имаме искажано: дека со нив соработуваме, одржуваме другарски односи и делиме заеднички визии и цели, што е една голема ЛАГА и клевета. Претставувајќи не` лажно, ја извитоперуваат нашата јасна позиција, чиј што прв и основен принцип е дека не соработуваме со ниедна организација што директно заговара или индиректно поддржува про-државни ставови, социјалдемократски стојалишта, капиталистички реформи, соработка со партии и држава и генерално почит и братство со многуте пипала на системот против кој се бориме. Ленка (посебно последниот период по збратимувањето со отворените партијци од Солидарност) за нас попрво е НЕпријателска организација (како и секоја друга што сака преку компромис, трошки, реформи и нова власт да ги „решава“ проблемите) и за нас е навреда да стоиме наведени како „другари/другарки“ на сајтот на таква организација. 

Се разбира дека пред да го објавиме овој текст, лично и нетензично им се обративме да не` тргнат од нивната срамна листа на пријатели, без да планираме да правиме голема работа од мал проблем. Проблемот почна да расте кога „другарите“ од Ленка (кои очигледно не разбираат дека пријателството е двонасочен однос) прво на најбезобразен начин одбија да го исполнат нашето барање (со обвинување дека „им се мешаме во политиката“), а потоа, како што се склони кон заблуди, умислувајќи се дека се Влада на РМ, а ние нивни подредени граѓани, ни одговорија дека „нашето барање ќе биде уважено и за него ќе се дискутира на состанок“, како и дека „за одлуката ќе бидеме дополнително известени“. (Ќе ги скокнеме цитатите во кои татковски не` убедуваа дека е за наше добро што го има таму нашиот линк и дека уствари со тоа ни правеле услуга). Како што обично се случува со подредените граѓани, за наша голема несреќа, одлучувачкото тело на Ленка не успеа да одлучи по „нашето барање“ на наредниот состанок, бидејќи – како што не` известија - функционерот Составувач на дневен ред заборавил да го стави ова прашање како точка. Ние одбиваме да чекаме и да бидеме шетани по ќерамиди поради нивните бирократски процедури.

Вакви авторитарни постапки кај левичарските организации воопшто не не` изненадуваат, па сепак тешко беше да се поверува дека вакво однесување ќе дојде од поединци кои навистина некогаш приватно биле другари со некои од нас. И навистина, зошто свесно би отварале толкав конфликт околу прашање кое не им е особено значајно? Немаме намера да навлегуваме во анализи на внатрешни состојби на организации со кои немаме ништо заедничко, ама во светло на вистината, верно е да се каже дека Ленка е една од ретките политички организации која не само што не зазема отворена политичка позиција (тие се едноставно „левичари“), туку и силно настојува за себе да одржи некаква слика на организација отворена спрема сите политички правци, без разлика колку се тие меѓусебно противречни. 

Но нас нивната политика на „отвореност“ не не` интересира; не планираме да служиме како нивно средство за одржување на некаков „радикален“ или „слободарски“ имиџ, кој потоа ќе можат да го користат за да извлекуваат крваво експроприрани и со слобода платени пари од милитантни анархисти од други земји, за да си ги финансираат нивните проектчиња (како што некои од нив извлекоа од анархисти од Грција неколку стотици евра за финансирање на АКСЦ – пари со кои другарите погрешно веруваа дека помагаат во отварање на анархистички сквот). 

Не планираме ни да служиме како средство за самоуверување на некои од Ленкашите кои упорно сакаат светот и себеси да се убедат дека во Ленка има „анархистички тенденции“ или дека воопшто го поддржува анархизмот – за тоа нема да судиме, зошто за тоа судат делата.

Најпосле, „благодарни“ сме им на нивната „другарска“ грижа, ама ниту сакаме ниту имаме потреба Ленка да ни „прави услуги“ со тоа што ќе не` „рекламира“ на нејзиниот сајт (не оперираме со таква логика). 

Добрата страна за нас е што во вакви конфликти најубаво излегува на виделина авторитарноста на „слободарците“ од левичарските организации и што ни дадоа уште една причина да ги сметаме за непријатели. Добрата страна за нив е што умешно ги научиле вештините на лажењето, спинувањето и изнудувањето, кои многу добро ќе им послужат ако им се оствари сонот да седнат во пратеничка фотелја. А кога ќе дојде тој ден, со крв и пламен ќе ги потсетиме за нивните стари приказни за „другарството“ со анархистите и за увереноста во нивното „обединување со левицата“. 

Нека се ебат сите политичарчиња, кариеристи, авторитарци, спинери и лажговци кои со приказни за „братство“ и „соработка“ сакаат да се дограбат до власт. 

Нека се ебат сите левичари што сакаат со државнички јарем да ги оковаат за вратот сите за слобода желни луѓе, откако прво ќе ги искористат за дограбување до власт.

Црн Блок не е и никогаш нема да биде пријател со таквите. 
Оваа војна допрва почнува. 

ПРОТИВ СЕКАКВА ВЛАСТ!

No comments:

Post a Comment